Комисијата што во владата  ја формиравме веднаш по авионската несреќа што се случи на 28 август во месноста Скребатно – охридско,  работи на расветлување на случајот, изјави денеска во Охрид министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Се анализираат сите аспекти од несреќата и набрзо ќе излеземе со официјален став. Но во оваа фаза неблагодарно е да се шпекулира и треба да ги оставиме стручните лица да истражат зошто се случила оваа голема авионска несреќа во која животот го загубија четири лица“, рече Јанакиески. Тој додаде дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе заврши истрагата за авионската несреќа.

Во расветлувањето на причините за падот на авионот ЦЕСНА во месноста Скребатно треба да помогне и вештачењето врз остатоците од леталото кои синоќа со специјално возило биле подигнати и однесени во Скопје.

Ohridnews