Носењето на Деталниот урбанистички план за УЕ 8-Бејбунар, го стопиравме на барање на Управата за заштита на културното наследство за да се овозможи дополнително истражување на просторот каде постојат претпоставки дека се наоѓа неоткриено културно наследство, изјави вечерва во Охрид министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
–Ние добивме официјален допис од Управата за заштита на културното наследство со кој бевме информирани дека е донесена времена мерка во период од две години за дополнително истражување на тој локалитет, по што ние со писмо ги информиравме и градоначалникот и Советот во Охрид дека не треба да се носи ДУП за УЕ 8-Бејбунар. Упатуваме повик до општината и советниците да причекаат определен период од две години за целокупно да се истражи тој локалитет. Можеби ќе најдеме некои наоди од што ќе значат многу не само за историјата на Охрид туку и за Македонија, рече Јанакиески.
Според министерот за транспорт во случајот нема политика, туку исклучиво се почитуваат законите.
–Ние сме министерство, а и јас лично го почитувам културното наследтво и се додека имаме било какви информации дека во Бејбунар може да има културно наследство согласно законите ќе го заштитуваме, вели Јанакиески.
Министерот Јанакиески заедно со блиските соработници, пратениците од Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ и претставници на катастарот и министерството за финаснсии, вечерва во Охрид оствари средба со граѓаните. Дел од нив не се согласија со објаснувањењто на министерот и побараа истражувањата во Бејбунар да бидат завршени побрзо за да не се чека две години, со што според нив може да се доведе во прашање инвестицијата вредна 100 милиони евра. Сопствениците на имоти во Бејбуубнар изразија подготвеност да партиципираат во финснсирањето на археолошките истражувања само за да се забрза постапката околу примента на ДУП.
На средбата покрај за Бејбубнар, граѓаните на Охрид се интересираа за проблемите со водоснабдувањето и канализацијата во Лескоец, Лакочереј и Пештани, како и за индивидуални проблеми од областа на урбанизамот.
Г. Момироски