За евентуална одговорност на институции и поединци во врска со потонувањето на бродот „Илинден“ при што загинаа 15 лица, може да стане збор само по завршување на истрагата која треба да ги посочи виновниците за несреќата, изјави денеска во Охрид министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

–  Да оставиме на истражниот судија да ја заврши својата работа. Ангажирани се експерти кои ја познаваат проблематиката. Да им дадеме доволно време, очекувам истражниот судија во соработка со Јавното обвинителство ќе ги посочат виновниците за несреќата, истакна Јанакиески. Тој додаде  дека доколку истражниот судија посочи вина кај капетанот на Капетанијата во Охрид, тој ќе биде повикан на одговорност.

– Сакам да го видам прво извештајот од истражниот судија. Капетанот го именува Владата и доколку има било каква вина тогаш сигурно ќе се преземат мерки кон капетанот на Капетанијата, изјави министерот Јанакиески.

Министерот посочи  дека се подготвуваат измени на Законот за внатрешна пловидба, кој ќе биде усогласен со европските директиви.

-Очекувам до крајот на оваа година да бидат вградени измените во Законот за внатрешна пловидба со кој ќе се изврши подобрување на прописите, додаде Јанакиески.

Г.М.