Делегација на општина Охрид, предводена од градоначалникот Александар Петрески, од утре ќе престојува во Јалова – Турција, каде ќе биде потпишан протоколот за збратимување на Охрид со овој турски град, значаен по историското минато и денешните потенцијали.

Со потпишувањето на збратимувањето се дава своевиден нов импулс на добрата и сестрана соработка што ја имаат Македонија и Турција, а особено во контекст на економското заживување на Охрид со влегувањето на турската компанија ТАВ во овој крај, како концесионер на охридскиот Аеродром.

Самиот чин на збратимување на Охрид со Јалова е уште една потврда за космополитизмот на Охрид и определбите за стекнување пријатели, соработници и потенцијални инвеститори ширум светот. Значаен податок за знаменитостите на Јалова е и фактот дека таткото на современата турска држава, Кемал Ататурк, тука ги минал последните десеттина години од својот живот.

Како што е предвидено, возвратното потпишување на Протоколот за збратимување на Охрид и Јалова, ќе биде на 7- ми август годинава, кога во Охрид ќе допатува делегација на Јалова предводена од тамошниот градоначалник.

Ohridnews