Во градскиот совет нема пазарење за урбанистичките планови што се носат тврди локалната самоуправа, која денеска на прес конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ според која на Охрид му се случува урбанистички масакр.
И градоначалникот Александар Петрески ги отфрла обвинувањата за наводен пазар во советот при носење на урбанистичките планови.
– Нема тука никаков пазар. Во однос на точките на дневен ред, како што е урбанизмот и фондот за патишта нема политика и нема да дозволам политика. Во коалициите сигурно има политички договори но тие не можат да влијаат во донесувањето на урбанистичките планови кои се носат согласно законите, рече Петрески.
Тој тврди дека општината не е под притисок на градежните компании и дека нема да дозволи тоа да се случи.
– Целиот имот во општина Охрид е или приватна сопственост или е на државата, а не е од локалната самоуправа и нема што да се договара некој и да ја притиска општината. Ние чувствуваме притисок но од полицијата и инспекциите на централната власт, додаде Петрески.
Началникот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски истакна дека во однос на изработката и примената на урбанистичките планови постои регулатива донесена од државата и општината е должна да ја спроведува.
– Со локалната урбанистичка планска документација се решава еден проблем на граѓаните. Тие прво се обраќаат до Секторот за урбанизам, кој доколку не одговори на нивното барање имаат право да се обратат до советот, а доколку и тој не донесе решение можат да се обратат до Министерството за транспорт и врски, објасни Арнаудоски.
Одговорните функционери во локалната самоуправа денеска ја уверуваа јавноста дека изградбата на голем број станбени објекти не е на штета на туризмот, затоа што како што беше речено, приватните станови не можат да бидат конкуренција на хотелите. Тоа што се гради најмногу во централното градско подрачје е заради тоа што државата не дозволила проширување на урбанистичкиот опфат на општината, беше кажано на прес конференцијата. Според нив Законот за Охрид кој се уште не е донесен ќе реши многу од наталожените проблеми, а до тогаш за Охрид ќе важи истиот закон како и за сите други општини.
На продолжението на 18-та седница што се одржа без најава за медиумите беа донесени четириесет локални урбанистички плански документации.