Поднесувањето кривични пријави против градоначалникот Александар Петрески и Советот на Општина Охрид од страна на Министерството за транспорт и врски беше причина за денешната прес-конференција во Општина Охрид.

„ Во име на градоначалникот сакам да кажам дека споменатата кривична пријава ја толкуваме како обид на централната  власт за заплашување на локалната власт и истовремено како порака од централната власт до советниците и граѓаните на Охрид дека јакнее партизацијата на државата“, рече  портпаролот во општината, Никола Маневски и додаде дека кривичната пријава не е ништо друго туку упад во правниот систем на Македонија и анулирање на државните институции. „Самото министерство како правен лек во одлуката  за одземање на согласноста посочува правна поука-општината да се жали  во рок од 15 дена до второстепената комисија. Истото  тоа министерство во рокот кога трае жалбената постапка поднесува кривична пријава што значи за тоа министерство нема никакво значење правниот лек и второстепената комисија“ потенцира Маневски.

Во член 43 точка 3 од Законот за локална самоуправа децидно стои дека членот на советот не може да биде повикан на кривична одговорност  и да биде притворен за искажано мислење или гласање на советот. Тоа доволно кажува дека со кривичната пријава сака да се постигне притисок врз советниците да гласаат онака како што сака централната власт“, изјави претседателот на општинскиот совет, Владо Чингоски.

За тоа како  дојде до изгласување на Одлуката за деталниот урбанистички план за урбата заедница 8, урбан блок 8.3 Чингоски рече дека со Генералниот урбанистички план воопшто не е предвидено дека оваа зона е заштитена. „Генералниот урбанистички план е донесен без никакви забелешки од Управата за заштита на културното наследство и од Заводот и музеј- Охрид“

Тој објасни дека на 21 октомври  Министерството за транспорт и врски испратило известување по пошта со кое  што се огласува за ништовна согласноста која што е дадена од страна на министерството а по барање од Управата за заштита на културните споменици. Според него, пратката не е добиена благовремено. „Официјално, ова го добивме на 25 октомври, еден ден по одржувањето на седницата“ објасни Чингоски и најави дека  членовите на општинскиот совет наскоро треба да излезат на прес-конфренција.

А. Ристоска