Американската полиција соопштила дека еден човек ја запросил својата девојка со украден прстен. Девојката рекла „да“, но среќниот вереник завршил во затвор. Полицијата во Вермонт соопштила дека 25-годишниот Рајан Џервис бил обвинет за кражба на 3000 долари вредниот прстен од златара.
Локалните медиуми пренеле дека Џервис во понеделникот попладнето го разгледувал накитот и дека во еден момент побарал да го види прстенот од бело злато кој потоа го украл. Полицијата добила известување дека неговата девојка на Фејсбук ставила фотографија на која го покажува прстенот. Таа не знаела дека истиот е украден, а Џервис ја признал вината.