Една Молдавка е обвинета во САД за измама на осигурително друштво со која дошла до два милиони долари така што лажно пријавила смрт на поранешниот сопруг, а обвинет е и нивниот син бидејќи во тоа и помогнал. Ирина воротинова и Алкон Воротинов се обвинети за лажно прикажување на смртта на Игор Воротинов во Молдавија. Игор купил полиса за животно осигурување во април 2010 година и како корисници ги навел тогашната сопруга Ирина и нивниот син. Веќе во октомври следната година, во полицијата во Молдавија пријавено е дека било најдено машко тело кај селото Кожушна. Пасошот и другите документи пронајдени покрај телото укажувале дека се работи за Игор Воротинов, што Ирина потврдила кога отпатувала во Молдавија.
На нејзино барање телото било кремирано во Одеса, Украина, а таа се вратила во САД и смртта ја пријавила во осигурителното друштво. Потоа Ирина добила чек на два милиони долари, а таа и нејзиниот син отвориле сметка во банка и од март 2012 до сега префрлиле повеќе од еден и пол милион долари на сметки во Швајцарија и Молдавија. Меѓутоа, еден агент на ФБИ кон средината на 2013 година утврдил дека Игор Воротинов лажно ја прикажувал својата смрт и дека со нов идентитет живее во Украина. Имено, цариниците во ноември 2013 година го сопреле Алкон во Детроит кога се вратил од Молдавија и со преглед на неговиот компјутер утврдиле дека е во контакт со таткото.