Жителите од колективната станбена зграда на ул. „Карпош Војвода“, во октомври ја добија правната битка во спортот со АДГ „Трудбеник“ – Охрид  и Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор, но извршителите повторно им затропаа на врата. Нивните имоти одново се предмет на извршна постапка во спорот помеѓу Трудбеник и Агенцијата, заради долг на градежната фирма.

За нив е несфатливо како нивните станови може да бидат предмет на извршување, кога тие ги купиле 4 години пред да настане спорот помеѓу Трудбеник и Агенцијата.

– Сите кои се инволвирани во овој процес сакам да ги прашам до кога ние ќе трпиме заради нивните нерешени имотно правни односи. Тоа што имаат меѓусебно нека си го решаваат. Тоа започнало во 2012, а ние сме сопственици на становите од 2008г. Можеби не е патриотски да кажам, но јас мислам дека ние сме една од ретките држави каде можат да се случат вакви параболи.-рече Ирена Бачиќ, сопственик на стан.

Револтот кај станарите чии имоти се оспорени, дотолку е поголем затоа што во меѓувреме дел од нив извадиле и имотни листови, поради што тие најавија дека ќе поднесат кривични пријави против сите инволвирани во случајот. 

– Може да видите дека имаме извадено имотен лист веќе, а тој повторно сака да дојде на 10.3. на извршување, значи кривично дело прави, на наша сопственост.-изјави Јованка Цветаноска, сопственик на стан.

Од Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор велат дека случајот со Трудбеник не е единствен и дека правна постапка за наплата на побарувања е покрената против 6000 субјекти, затоа што постоела опасност од застарување на долговите.

-Ние само се обидуваме да ги наплатиме долговите и да го запазиме законскиот рок за реализирање на побарувањата од АДГ “Трудбеник“. Доколку се откажеме од наплатата сносиме кривична одговорност, зошто не сме ги презеле неопходните правни мерки. – ни изјави во телефонски разговор првиот човек на Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов.

Тој изрази жалење што во случајот последици трпат граѓаните, но смета дека единствено решение е Трудбеник да го плати долгот, кој изнесува околу 7 милиони денари.

OhridNews