Екипа на доктори од охридската општа болница во присуство на визитинг професори од Скопје, ја изведоа првата лапароскопска метода во новиот објект на здравствената установа.
–Ова е за нас посебен момент. Тоа не е нова метода, во светот е етаблирана години наназад, но во нашиот центар се изведува за прв пат. Од денеска овој метод ќе биде во редовен план. – изјави д-р Сашо Василески, претседател на Управен одбор на општата болница.
Тој истакна дека во план е во наредниот период во охридската болница да доѓаат визитинг професори, што е дел од проекцијата за развој на оваа здравствена установа во регионален центар, од што бенефит ќе имаат како охриѓани, така и граѓаните од околните градови кои нема да има потреба повеќе да патуваат за одредени прегледи и услуги на скопските клиники.
-Во соработка со Министерството за здравство нашата болница доби најсовремена медицинска апаратура. Следниот месец почнуваме со интервентна гастроскопија, така да пациентите со дигестивни проблеми нема да има потреба да одат повеќе во Скопје. Постигнавме договор за соработка со Клиничкиот центар во Скопје согласно кој првите неколку месеци во Охрид ќе доаѓаат визитинг професори кои ќе ги пренесат искуствата на лекарите во Охрид.-додаде Василески.
Тој истакна дека болницата сериозно работи на кадровско доекипирање, посочувајќи дека недостигот на кадар ќе биде брзо надминат и наскоро ќе има нови вработувања во охридската општа болница.
Воведувањето на лапароскопската метода во охридската општа болница го поздрави градоначалникот Никола Бакрачески.
-Отворањето на новиот современ објект создаде одлични предуслови за воведување на нови здравствени методи и постапки кои менаџерскиот тим на болницата ги планира во наредниот период паралелно со континуирана едукација на кадарот во соработка со Клиниката за хирургија во Скопје и Министерството за здравство. Денес отпочнува нова ера во развојот на хирургијата во Охрид, најпрвин со абдоменална хирургија, а во иднина овие лапароскопски методи, односно ендоскопски методи ќе бидат проширени и во другите делови на хирургијата, рече Бакрачески.
Инаку првата лапароскопија на жолчка беше извршена врз 24годишна пациентка.
Г.М.