Денеска во Требеништа, Општина Дебрца, во присуство на претставници на Инвеститорот- Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Надзорниот орган, Изведувачот на работите и крајниот корисник на објектот- Општина Дебрца, беше извршен технички прием и предаден во употреба овој културно-историски дом.

Изминативе неколку месеци во внатрешниот дел извршена е целосна реконструкција на сите главни и помошни простории со што се овозможува понатаму да се организираат средби, манифестации, ликовни и друг вид поставки од интерес на граѓаните од оваа општина. Вкупната внатрешна корисна површина на објектот е 503 м2, а покрај тоа подобрена е енергетска ефикасност на објектот со изведбата на термо фасада, информираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Вкупната инвестиција е 3,8 милиони денари, при што поголемиот дел од средствата се од националниот буџет преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, а дел на средства за реконструкцијата обезбеди и Општина Дебрца. Изведувач на работите беше фирмата Тане 2007 ДООЕЛ Охрид.

Покрај во Дебрца, Центарот за развој на Југозападниот плански регион, интервенции за подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти вршеше во Охрид во апартманите, сопственост на ГО „Мобилност“, целосно го реконструира каналот Песјак во Македонски Брод , а ги снабди и жителите на Општина Пласница со контејнери за собирање на смет. За сите активности воспоменатите општини преку проектот „Подобрена ЕЕ на јавните објекти и намалување на загадувањето на животната средина во Регионот“ инвестирани се 8,5 милиони денари.

OhridNews