Неповторливо доживување синоќа приредија оксаровецот Луис Бакалов заедно со уште двајца исклучителни пијанисти Марко Чампи и Алберто Пицо. На програмата беа композиции на Дебиси, Равел, Пјацола, Скарлати, Мориконе, Гулда, Џакомо, како и авторски дела на самите изведувачи.

– Уште еден ексклузивен уметник на Охридско Лето, оскаровецот Луис Бакалов кој ја надополни низата на светски пијанисти кои годинава, на ова јубилејно издание, ја збогатија фестивалската програма. Во прекрасната црква „Света Софија“ фестивалската публика имаше ретка можност да ужива во музицирањето на тројца врвни пијанисти на две пијана, изјави Гордана Јосифова Неделковска, селектор на музичката програма.

Според Бакалов, синоќешниот концерт беше обид да се тргнат сите граници, бариери и ѕидови који стојат помеѓу различните жанрови на музиката. Синоќешната програма беше добар пример на спојување на квалитетната традиционална класична музика: Дебиси, Равел и другата, нова класична музика како Астор Пјацола, познат како поп музика во скоп на класичната музика, вели Бакалов и додава дека  многу продукциски куќи во денешно време поголем акцент ставаат на новата музика, на филмската музика а ја забораваат квалитетната, традиционална музика на Бах, Бетовен и др, вели Бакалов.

Во светот, тој  е познат, пред сè, по својата композиторска дејност, но се истакнува и како пијанист. За својата изведувачка дејност тој е добитник на многубројни награди на повеќе од 30 национални и меѓународни натпревари по пијано. Настапувал како солист во некои од најпрестижните сали во светот, секогаш предизвикувајќи воодушевување кај светската публика и критика.

OhridNews