Извонредната театарска игра покажаа актерите од Албанскиот и Турскиот национален театар од Скопје на вчерашната премиера на претставата „Слуга на двајца господари“ во рамки на програмата на Охридско лето.
Овој копродукцискиот драмски проект кој е работен по текст на Карло Голдони, ја долови реалната мултилингвална средина во Македонија, која била голем предизвик за режисерот Јуџел Ертен.
-Отсекогаш ми се допаѓаше спојот на јазиците во вашата земја, помеѓу Македонците и Турците, Турците и Албанците, Македонците и Албанците , кои меѓусебе одлично се разбираат. Оваа мултилингвална средина ја доживеав во „Куќа на граница“ . Тријазичната димензија на претставата ме исфрли чекор напред зашто овде познавам актери кои ги знаат сите овие јазици. Нашата претстава се однесува на љубовта и на лебот. Во современиот свет и двете нешта влегоа во тешки димензии. Светот дојде во таква состојба во која почнавме да произведуваме и ѓубриште. За мене овој текст во кој се говори за двајца вљубени од различни заедници и за еден сиромав кој се бори за леб, беше мошне интересен, вели Ертен.
Со претставата „Слуга на двајца господари“ Албанскиот и Турскиот народен театар одбележаа 65 години од нивното основање.
OhridNews