Младите уметници Филип Петрески и Виктор Рафајловски вчеравечер одржаа концерт во црквата „Света Софија“. Настапот на хармоникашот Петрески и пијанистот Рафјловски беше во рамките на „Подиумот на млади“ на фестивалот „Охридско лето“.
Првпат настапувам на „Охридско лето“. Огромна е честа да се свири тука и особено на ова место. Поканата ми дојде како вистинско изненадување. Како изведувач, отсекогаш сум сакал да настапам на фестивалот. Со оглед дека е еден од најголемите фестивали во земјава и пошироко, го сметав за недостижен, но со самото искуство со годините, сѐ се достигнува, изјави Филип Петрески кој изведе дела компонирани во 21 век, најчесто од руски автори.
Филип Петрески е роден во Прилеп, каде го завршува основното музичко образование. Продолжува да учи во во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј’’ Скопје во класата по хармоника на проф. м-р Зорица Каракутовска, во чија класа дипломирана ФМУ-Скопје со највисока оцена “cum laude”. Во текот на своето образование редовно учествува на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство, како солист и член во разни камерни состави.
Неговиот колега, пијанистот Виктор Рафајловски кој изведе дела од Лудвиг ван Бетовен и Франц Лист. Иако е млад, тој се смета за еден од најталентираните македонски пијанисти кој совладува мошне сложени програми на својот инструмент.
Рафајловски учи пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Учествува на бројни натпревари на кои е носител на награди и признанија.
OhridNews