Извлекувањето на „Илинден“ изведено беспрекорно
– Имаше неколку критични моменти каде не смееше да дојде до подигање на еден дел за сметка на друг за да не дојде до оштетување. Се беше идеално направено и сега цел е бродот да се донесе во каналот каде истражните судии ќе можат да направат увид и да ги утврдат причините за несреќата, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски. Тој додаде дека доколку биде потрeбно вештачењето ќе се изврши и ноќе, за што МВР поседува соодветна опрема.
Љупчо Тодоровски
Извлекувањето на „Илинден“ го следеа истражниот судија при Основниот суд во Охрид, Весна Кичеец и нејзиниот бугарски колега Ѓорѓи Илиев, кој оцени дека извлекувањето на бродот „Илинден“ е извршено професионално и согласно највисоките стандарди. Илиев истакна дека целокупната истрага за несреќата ја водат македонските надлежни органи и дека тој во Охрид е само во улога на набљудувач на постапката која според него се води многу професионално. Тој уште еднаш искажа благодарност до македонските граѓани кои учествуваа во спасувањето на бугарските туристи и изрази очекување дека истрагата ќе ги открие причините за големата несреќа.
Ѓорѓи Илиев
Акцијата за извлекување на бродот „Илинден“ ја следеа и министерот за транспорт Миле Јанакиески, градоначалникот на Охрид Александар Петрески, како и бројни новинарски екипи и љубопитни граѓани.