Во тајната програма на ЦИА, во која по нападот на САД од 11 септември 2001 година осомничени терористи противзаконски се киднапирани и префрлани во затвори во други земји и таму испитувани, учествувале 54 земји, меѓу кои и Македонија, пренесува „Макфакс“.

Ова го покажува Извештајот на американската хуманитарна организација Open Society Justice Initiative, објавен во вторник.

Во Извештајот на 213 страници детално се објаснува дека целата програма била противзаконска и била со цел испитувањето на затворениците и нивниот престој во затвор да останат надвор од дофатот на законот.

Нема сомнение, се тврди во Извештајот, дека високи личности во администрацијата на претседателот Џорџ Буш се одговорни за одобрувањето на кршењето на човековите права, но се нагласува дека одговорноста оди и подалеку од американската влада, бидејќи противзаконските киднапирања, тајните трансфери во затвори и испитувањата со измачувања не би можеле да се случат без знаење и согласност на владите на другите земји.

Понатаму се наведува дека ова е прв Извештај во кој се споменува бројката на досега познати случаи на жртви на програмата на ЦИА и земјите што учествувале во неа.

„Врз основа на веродостојни јавни извори и информации добиени од угледни организации за заштита на човековите права, овој Извештај е најцелосен каталог на однесувањето кон 136 лица кои наводно биле подложени на таков однос. Можеби такви лица има многу повеќе, но нивниот вкупен број ќе остане непознат додека САД и нивните партнери не дозволат на јавноста достап до овие информации“, се вели во Извештајот.

Земјите што се споменуваат дека и помагале на ЦИА се наоѓаат на речиси сите континенти – во Африка, Америка, Австралија, Азија и Европа, а според азбучен ред следат Авганистан, Албанија, Алжир, Австралија, Аустрија, Азербејџан, Белгија, БиХ, Кипар, Чешка, Данска, Џибути, Египет, Етиопија, Финска, Гамбија, Грција, Грузија, Хонг Конг, Хрватска, Исланд, Индонезија, Иран, Ирска, Италија, Јемен, Јордан, ЈАР, Канада, Кенија, Либија, Литванија, Македонија, Малави, Малезија, Мароко, Мавританија, Германија, Пакистан, Полска, Португалија, Романија, Саудиска Арабија, Сирија, Сомалија, Шпанија, Шри Ланка, Шведска, Тајланд, Турција, ОАЕ, Обединетото Кралство, Узбекистан и Зимбабве.

На крајот на Извештајот се повикуваат САД и сите земји кои учествувале во програмата на ЦИА да ги објават сите податоци во врска со тоа.

OhridNews
извор:„Макфакс“