Во издание на „ПНВ Публикации“ излезе најновиот коавторски проект – книга од сликарот Сергеј Андреевски и поетот Славе Ѓорго Димоски со наслов „Извештаи на Рисот“. Станува збор за оригинален и уметнички кохерентен проект составен од песни на Славе Ѓ. Димоски и цртежи на С. Андреевски.

Книгата „Извештаи на Рисот“ претставува еден метафоричко-алегориски однос кон актуелното време, пред сѐ, врзано за нас самите. „Извештаи“ како строго полициски термин и „Рисот“, амблематичен лирски субјект којшто е симбол на индивидуалноста, на слободата и на дивиот порив, тајновито присутен во сенчестите агли на недопрените гори, но кој исчезнува или веќе е исчезнат, велат авторите.

Поетот суптилно нè предупредува да не се самозаборавиме себеси и да не го самопренебрегнеме своето. Што е со пространството на гордиот и самотен рис ако него го снема? Едно отворено прашање, кое се самонаметнува, и кое навева алузии на злокобност околу суд. Сликите на Сергеј Андреевски, преполни со енергија на непотправената ликовна експресија, претставуваат комплементарни фрагменти, кои придонесуваат за целосна кохеренција на уметничката замисла.

Книгата на 44 страници содржи дваесетина песни од Димоски и исто толку цртежи од Андреевски, распоредени во неколку циклуси. Издавачите се надеваат дека покрај уживањето во поетско-уметничкиот израз, книгата со својот концепт и самиот наслов ќе има и една еколошка димензија да ја подразбуди свеста за исчезнувањето на рисот од нашите планини.

OhridNews