Извештајот од Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово денеска е пристигнат во Основното јавно обвинителство Тетово.
Како што информираат од ОЈО, извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите, а се очекува да пристигнат и извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки.
Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика, информираат од ОЈО.
Од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот на 8 септември во модуларната КОВИД болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, ќе зависи и одлуката на премиерот Зоран Заев, за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, заменик министерот Илир Хасани и двајцата директори на Тетовската болница.
OhridNews