Деновиве во издание на „Арка“ од Смедерево на над 300 страници излезе обемен избор од поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски под наслов „Извешати на Рисот и други песни“. Изборот е двојазичен, на македонски и српски јазик во извонреден превод на поетот и академик Ристо Василевски.

Оваа е шеста книга на Славе Ѓорѓо Димоски на српски јазик, а претходните се: „Мерач на зборовите“ („Мерач речи“), „Поле. Бојно поле?“ (Поље. Бојно поље“), „Блиска врска“ (Блиска веза), „Јзичен триптихон“ (Језички триптихон“ и „Одење по вода“ („Ходање по води“). За оваа прилика поговорот на книгата специјално го напиша Венко Андоновски.

Славе Ѓорѓо Димоски (1959) е жив класик на современата македонска поезија. Тој е еден од малкуте денешни врвови на македонската поетска картографија, еден вид максимална поетска константа, уште од своето јавување во македонската поезија, во 1979 година. Веќе четири децении е незамисливо да се состави антологија на македонската поезија без неговото име, како што е тоа неможно и без имињата на неговите славни претходници: Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски или Михаил Ренџов. Тој е своја и сосема јасно светла, топла ѕвезда во соѕвездието на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува како Менделеев елемент македониум, духовен елемент (производ нa неговата поетска фикција) кој според него ја дефинира суштината на македонското битие. А која е суштината на македонското поетско битие? На она човеково збунето јас, застанато пред космосот што молчи, она човеково јас што се дрзнало пред најголемата тајна на светот – да пее, наместо да се плаши? Суштината на македонското поетско битие е самата суштина на поезијата: да се внесе смисла во непознатото и да се подреди хаосот. Да се биде Македонец, во таа смисла, е естетски чин: да се биде Македонец, значи да се пее и да се трага по смислата на овој молчалив, загадочен и често пати – непријателски расположен космос- вели Андоноски во поговорот.

Ова е втор интегрален превод на книгата „Извешати на Рисот“, а првиот беше објавен минатата година на словенечки јазик.

OhridNews