Извадени 64 „мрежи духови“ дел од нив индивидуално поставени и обмотани околу карпите, а дел со различни димензии на окца исплеткани едни со други во рамки на четиридневната кампања спроведена од 2-ри до 5-ти октомври на локалитети од Свети Заум до полуостровот Градиште.
Акцијата за чистење на езерото од напуштените мрежи беше реализирана на длабочина од 5 до 35 метри во потегот на просторот каде се наоѓаат и природните рибни плодишта на охридската пастрмка во рамки на пилот-проект од страна на Јавната научна установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид, организацијата „Healthy Seas“ и нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“.
Изминатите неколку дена успеавме да отстраниме одредена количина „мрежи духови“ кои се опасни не само заради тоа што прават замки за рибите и останатиот жив свет во езерото, туку можат да бидат и како препреки на кои се напластуваат одредени органски или физички материјали, рече директорката на ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“, Орхидеја Тасевска.
„Мрежите духови“ служат како стапици за рибите, најчесто се напластени во локалитетите каде се наоѓаат рибните плодишта и се закана не само за рибите, туку служат и како вештачки бариери и препреки во кои живиот свет може да биде заплеткан, задржан, оставен тука и угинат. Во принцип се изработени од материјали кои не се биоразградливи, претежно најлон кој остава последици врз животната средина и живиот свет кој го населува Охридско Езеро. Се надевам дека ваквите активности во иднина ќе најдат поголем одзив и поддршка од релевантните институции и можеби ќе продолжат како годишна активност на Институтот, рече Тасевска.
Милутин Секулоски од Нуркачкиот Центар „Амфора“ истакна дека целта нивна била да ги локализираат местата каде има „мрежи духови“.
Оваа година тргнавме во правец од Свети Заум до после полуостровот Градиште. Езерото е доста големо и има доста локации со заостанати мрежи. Ова е една пионерска работа во однос на вклучување на меѓународни организации за вадење на „мрежи духови“. Најголемиот дел од мрежите се на карпестиот дел каде се мрести охридската пастрмка и сите се зафатени за карпите и тешко може да се извадат. Длабочината на која работевме беше од над 30 метри до поплиткиот дел 5- 6 метри. Нас ни беше приоритет се она што е како плашт на карпите да го извадиме, додаде Секулоски.
Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид истакна дека спецификата на местото за мрестење на пастрмката е тоа што самиот простор е исполнет со карпи и овие „мрежи духови“ многу лесно се закачуваат.
Пастрмските видови не мрестат на места каде има трулеж на риба. Ако има потонети мрежи, без разлика на која состојба на распаѓање е тоа што е фатено, ќе ги одбегнуваат тие нормални природни рибни плодишта подолг период, додека не бидат исчистени за да се вратат во нормалниот природен хабитат. Напуштените мрежи на себе врзуваат и други мрежи и се што ќе помине покрај нив и низ нив станува жртва. Тоа не се само риби може да бидат и птици, како што имавме во 2017 година по две единки на малиот корморан и малиот нуркач. Во истите мрежи тогаш имаше и краби, ракови и различни видови на риби. Димензии на окца во конкретнава кампања се движат од 12 до 180 мм, ги има од сите димензии за лов на сите комерцијално атрактивни видови во езерото, за плашицата, белвицата, пастрмката. Во мрежите крапарки имаше за жал најмногу пластичен отпад кој е еден од главните причини за умирање на живиот свет. Ова е една мерка за помош на заштита на биодиверзитетот, потенцира Илиќ-Боева.
Вели треба построга примена на законските регулативи, поголема координација на релевантните институции вклучени за решавање на овој проблем и поостри казни и истиот проблем треба да се решава билатерално.
Вероника Микос, директорката на „Healthy Seas“, најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“ со искуство во широк спектар на земји и меѓународни води што годинава одбележува десетогодишен јубилеј, истакна дека целта на ваквите акции не е само чистење на водните живеалишта, туку и анимирање на јавноста за потребата од поголема заштита на животната средина.
Сметам дека решението за проблемот со мрежите духови треба да се бара во две насоки – преку зголемена контрола од институциите и поголема едукација кај корисниците на самите мрежи за опасноста што таквиот напуштен риболовен алат преставува за средината, додаде Микос.
Во слична акција спроведена во 2017 година од Охридското Езеро биле извадени напуштени мрежи од најразличен вид и материјал во должина од 14 километри, додека годинава се нешто помалку од 2 километри. Во 2017 година поголемиот дел на мрежите биле околу пумпата за снабдување со вода на градот Охрид кога за среќа биле и отстранети, а за овие пет години на истото место е детектирана само една мрежа.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски