Во охридската Општа болница завршен е увидот од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со случајот со починатата 66-годишна жена од струшко.
Изречени им се парични казни на претходната директорка на охридската Општа болница, на доктори специјалисти од Инфективното одделение и на самата институција, информира на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
- Во наредните неколку денови ќе се направи и стручен увид од лекарската комора по што случајот ќе се дискутира и ќе заседава етичката комисија на лекарската комора, рече министерот Филипче.
На Инфективното одделение при охридската Општа болница работат тројца специјалисти, двајца специјализанти и повеќе медицински сестри. Се згрижуваат пациенти од целиот регион поради што во повеќе наврати е реагирано дека одделението не располага со доволен број доктори. На прашање на OhridNews дали при изречувањето на казни се земаат во предвид и далеку од идеaлните услови за работа во одделението, министерот Филипче рече дека дефицитот на лекари не е амнестија од одговорност.
Како што претходно беше информирана јавноста, сега починатата 66-годишна жена од струшко, откако се јавиле првите симптоми, на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на 27 март. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите, пациентката не била примена во болница. Таа почина утрото на 28-ми март.
Т.К.