Од почетокот на примената на новиот Закон за јавна чистота, полицијата и другите надлежни служби во Охрид санкционирале 84 прекршители на законот. Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на јавни површини, а евидентирани се и прекршувања на Законот за јавна чистота на отворен простор пред јавен објект, соопшти владата.

Инаку вкупно во државата до вчера биле  изречени 508 казни за прекршување на одредбите од Законот за јавна чистота.

Законот за јавна чистота на сила стапи  на 22 септември. Како што веќе информиравме, со него се предвидени високи казни за граѓаните и правните лица кои ќе ја загадуваат животната средина. Новина во законот е што глоба покрај  државните инспектори за животна средина, општинските инспектори за животна средина и општинските комунални инспектори, во иднина ќе можат да изрекуваат и полициските службеници и тоа:

 – 30 евра во денарска противредност, доколку се остава, фрла и напушта отпад и  остатоци од отпад во урбани средини;
 
– 50 евра во денарска противредност, доколку се остава, фрла и напушта отпад, остатоци од отпад во природата и на патиштата и друг отпад во урбана средина;

 – 70 евра во денарска противредност доколку се остава, фрла и напушта отпадни масла, градежен шут и отпадни гуми во урбана средина, природата и на патиштата;
 
– 100 евра во денарска противредност доколку отпадите се оставени, фрлени и напуштени покрај реки, езера, бари, мочуришта и други водни тела;

 – 150 евра во денарска противредност доколку гори отпад во урбани средини и во контејнери;

 – 200 евра во денарска противредност доколку сторителот гори отпадни гуми, отпадни масла, и друг отпад во природата и на патиштата.

Со новиот закон ќе се казнува и нехигиената во јавните институции. За немање тоалетна хартија во санитарните јазли институцијата ќе биде казнета со 2.000 евра во денарска противвредност, а директорот со 1.000 евра. Организаторите на јавни манифестации се должни да го соберат ѓубрето од јавната површина по завршувањето на манифестацијата, зашто во спротивно, ќе бидат казнети со 2.000 до 3. 000 евра.

Со новиот закон ќе се санкционира и правењето ракија или зимница на јавни површини.

Г.М.