Трета доза на вакцината на Фајзер против Ковид-19 значително ја подобрува заштитата од инфекција и сериозни болести кај луѓето над 60-годишна возраст во споредба со оние кои примиле две дози, објави израелското Министерство за здравство.
Резултатите од истражувањето се совпаѓаат со статистичките податоци објавени минатата недела од „Макаби“, една од неколкуте израелски организации кои обезбедија засилувачки дози со цел спречување на ширењето на делта сојот на коронавирусот.
Презентирајќи статистика од Институтот Гертнер и КИ, претставници на Министерството истакнаа дека меѓу луѓето над 60-годишна возраст, заштитата од инфекција 10 дена по добивањето на третата доза од вакцината била четири пати поголема отколку по две дози.
Третата доза на вакцината обезбедила пет до шест пати поголема заштита десет дена по вакцинацијата кога станува збор за тешка болест и хоспитализација.
Оваа возрасна група е особено ранлива на Ковид-19 и е првата која се вакцинира во Израел.
Повеќето од вакцинираните кои сериозно се разболеа во последните недели, беа над 60 години и имале претходни здравствени проблеми.
Израел почна да ја дава третата доза на лицата над 60 години на 30 јули.
Минатиот четвртокот, Израел ја намали возрасната граница за третата доза на 40 години, вклучувајќи бремени жени, наставници и здравствени работници на возраст под 40 години.
Третата доза се дава само на оние кои ја примиле втората пред најмалку пет месеци.
САД објавија дека планираат да им понудат трета доза вакцина на сите граѓани, бидејќи заштитата од вакцинацијата опаѓа со текот на времето. Канада, Франција и Германија ќе го сторат истото.
Израел моментно има една од највисоките стапки на зараза по глава на жител во светот поради ширењето на делта варијантата на коронавирусот.
Речиси 1,5 милиони луѓе од вкупното население од 9,3 милиони ја примија третата доза.
OhridNews