Дали Охрид ќе добие современа автобуска станица зависи од одлуката на повисоките државни инстанци дали на општината ќе и го доделат земјиштето каде што е сега станицата или пак ќе и го дадат под долгорочен закуп, смета охридскиот градоначалник, Александар Петрески.
„ Се сложувам дека Охрид заслужува современа автобуска станица, но единствен проблем е сопственоста на земјиштето.За да распишеме оглас или тендер за изградба на објект треба да сме сопственици на земјиштето. Ние не сме и затоа не смееме да распишеме тендер“, вели градоначалникот Петрески.
Тој ја отфрла и можноста за формирање јавно-приватно партнерство и вели дека законот кој ја третира оваа проблематика не е до крај дефиниран и може да предизвика забуни и шпекулации.
„Убеден сум дека доколку ја добиеме сопственоста над земјиштето на автобуската, за три до четири месеци би го изградиле објектот со кој станицата ќе добие нов и современ лик.
Според Петрески, и сега има сериозни понуди од многу инвеститори кои се подготвени веднаш да започнат со изградба на објектот. „Пред се тука се фирми од Израел“, додава градоначалникот Петрески.
А.Р.