Израелската армија денеска објави нова временска рамка за движење на цивилите во северниот дел на Газа кон југот на тоа подрачје.

Жителите можат да заминат од 10 часот по локално време до 13 часот по препорачаната рута, напиша портпаролот на израелската армија на арапски во објава на „Икс“, платформата порано позната како Твитер.

Израелската војска најави дека нема да ја нападне рутата во тој временски период. Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Имаше и извештаи дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.

Израел повеќе пати ја обвинуваше исламистичката организација дека го злоупотребува сопственото население како жив штит. Израел, исто така, користи летоци за да ги пренесе повиците за евакуација на граѓаните на Газа. Израелската армија тврди дека стотици илјади Палестинци веќе се преселиле во јужниот дел на Газа по претходните повици за евакуација.

Повикот за евакуација се однесува на повеќе од милион Палестинци на северот во пресрет на израелската копнена операција во тоа подрачје. Обединетите нации ги критикуваа наредбите и предупредија на хуманитарна катастрофа.

OhridNews
Фото: Илустрација