Во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, изработена е база на податоци за пештери во Националниот парк Галичица.
Таа е првата база на податоци за пештери на Галичица во нашата држава и истата опфаќа 22 карактеристики за секоја пештера. Изработката на базата на податоци се темели на научно-истражувачки активности реализирани во рамките на проектот и на соработката помеѓу Црвен крст Охрид, Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, Јавната установа Национален парк Галичица и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. Реализираните проектни активности резултираа со нови сознанија за пештерите на Галичица, информираат од Црвен крст Охрид.
На територијата на Националниот парк Галичица евидентирани се повеќе од 40 пештери. Истражените пештери се разликуваат според своите морфолошки карактеристики, начинот на постанок, застапеноста и видот на пештерски украси.
Температурата на воздухот во пештерите е различна и се движи од 6°C до 16°C, додека влажноста на воздухот во пештерската средина е од 55% до 99.98%.
Пештерската фауна е разновидна. Во пештерите се евидентирани 14 видови троглобити (организми кои живеат само во пештери и никогаш надвор од нив), 20 видови троглофили (организми кои ги преферираат пештерите, но може да се сретнат и надвор од нив), 10 видови троглоксени (организми кои понекогаш навлегуваат во пештерите и тие им служат како прибежиште од надворешната средина) и 1 вид случаен троглоксен. Дел од видовите пештерска фауна се нови за научната литература и за прв пат евидентирани во ова заштитено подрачје. Интересен е и фактот дека од 20 евидентирани видови лилјаци на Галичица, за 9 видови пештерите претставуваат живеалиште, покажуваат истражувањата.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, a го спроведуваат Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.
OhridNews