По отпочнувањето на процедурите за третирање на кучињата скитници, градоначалникот Рамиз Мерко подготвува проект за прифатилиште за бездомни кучиња и воедно упати барање до Владата да помогне во реализацијата на овој проект, преку заеднички средства или од ИПА фондовите, информираат од Општина Струга.
Истовремено градоначалникот апелира до организациите за заштита на животните посериозно да се позанимаваат со оваа проблематика, не само да се грижат за кучињата, туку и да иницираат заштита на луѓето, следење на луѓето кои ги растоваруват кучињата во нашиот град и нивно пријавување до надлежните институции, се вели во соопштението.
На пошироката струшка јавност, се додава, добро и е познато ова прашање и сите сме свесни колку каснувања предизвикале овие кучиња, колку страв сеат, особено кога станува збор за деца, дами и нашите постари родители или други беспомошни лица.
Наш приоритет секогаш ќе остане безбедноста и здравјето на нашите граѓани, но и заштитата и зачувувањето на животните, се потенцира во соопштението.
Проект го изработиле струшките архитекти Валмир Далипи и Бесјан Положани на барање на градоначалникот Мерко.
OhridNews