Доказната постапка на деншното рочиште од судскиот процес против Лазе Радески – обвинет за убиство на тројца улични продавачи на девизи од Охрид, продолжи со изведување писмени докази. Меѓу изведените докази имаше писмени извештаи од обдукцијата, вештачење на отпечатоци, анализа на ДНК, запис за пронајдени предмети на лице место, анализа на биолошки материјали и слично.

Обвинителството остана на мислењето изнесено во обвинителниот акт и најави дека нема да бара изведување на нови докази во судскиот процес, што се води пред Основниот суд Охрид.

Ополномоштените застапници на оштетните семејства побараа да се изврши психијатриско вештачење за претрпен старв и стрес кај оштетените.

Одбраната забележа дека вештачењето на МВР не може да биде доказ во постапката бидејќи овој орган во исто време се јавува како барател и извршител на постапката. Одбраната приговори и на начинот на изведувањето на писмените докази, без да се запознаат страните во процесот со нивната содржина. Исто така, одбраната побара увид во записникот од затворот во Охрид додека обвинетиот престојувал таму во притвор за тоа кога, како и во чија придружба тогаш осомничениот излегувал надвор од затворот.

Судскиот процес против Лазе Радески, кој е обвинет дека во перодот од 2006-2008 година ги убил уличните продавачи на девизи Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, ќе продолжи на 30-ти јануари.

ohridnews