Жителите на малото шпанско село Раскера одлучиле да изнајмат дел од земјиштето за да одгледуваат марихуана, како би си го обезбедиле неопходниот приход за да преживеат. За оваа одлука, која претставува очаен обид на жителите на селото од 900 жители на северот на Каталонија, гласале четворица од седум одборници. Со овој потег тие сакаат да се изборат со високата стапка на невработеност и рецесијата. Раскера е мало село во провинцијата Тарагона кое се издигнува околу еден замок од 12 век. Селото полека изумирало бидејќи младите го напуштале во потрага за работа.


Марихуаната би се одгледувала и би се пакувала во Раскера, а целокупното производство би било испорачувано на здружението на корисници на марихуана од Барселона. Градоначалникот на селото рекол дека тоа е добра прилика која на селото би му донела пари и работни места. Користењето марихуана во мали количини е дозволено во Шпанија, но законот строго забранува нејзино производство, рекламирање и продажба, па многумина прогнозираат дека овој проект нема да заживее.