Деновиве на социјалните мрежи и други онлајн платформи можат да се забележат огласи за изнајмување на викендички и куќи во Охрид и околината. Трендот е особено забележлив пред продолжениот првомајски викенд, во кој полицискиот час ќе почнува од 14 часот.
Но, изнајмувањето објекти за сместување во состојба на пандемија од коронавирусот Ковид 19, согласно вонредните мерки кои се на сила во државата, е спротивно на законот и подлежи на санкции, укажува Пазарната инспекција.
Тоа е кривично дело по член 206 од Кривичниот законик, за што е предвидена и висока парична казна, која за приватните лица започнува од 100 глоби (2000 евра) па нагоре во зависност од имотната состојба и примањата на прекршителот, а за правните лица предвидена е соодветна постапка. Висината на казната ја одредува судот на предлог на јавен обвинител. – предупредува Пазарниот инспекторат.
Пазарната инспекција информира дека се следат сите сомнителни дејствија, а дежурни тимови на терен ќе проверуваат дали има прекршувања на забраната за издавање на капацитети за сместување.
Владата најави дека се подготвува план за олабавување на рестриктивнитр мерки воведени за заштита од ширењето на коронавирусот. Планот кој предвидува постепено нормализирање и на туристичко-угостителскиот секторт, кој е меѓу најпогодените од кризата, се очекува да биде објавен после првомајските празници.
Г.М.