Со свечен настан денеска беше одбележен 17 Март – Денот на крводарителството во земјава и 77 години постоење на Црвен крст на Република Северна Македонија. Од Црвен крст истакнаа дека едно дарување крв може да спаси дури три животи. Црвен крст во соработка со Институтот за трансфузиологија во текот на изминатата 2021 година организирале 683 крводарителски акции, преку кои биле обезбедени вкупно 53.133 единици крв.

Министерот за здравство Беким Сали истакна дека дека овој настан е одлична можност да се потенцира важноста на крводаритеството како исклучително солидарен и хуман гест. Истакна дека со цел континуирано унапредување на крводарителството, Министерството за здравство на годишно ниво изготвува посебна програма за организирање и унапредување на крводарителството во државата, а за оваа година буџетот на програма за крводарителството изнесува 45 милиони денари.

Токму Црвениот крст е наш постојан партнер во реализирање на активностите од програмата за континуирана на здравствено, воспитна и мотивациска програма меѓу населението, непосредна подготовка на крводарителските акции и изготвување информативни материјали, учество на волонтери, како и доделување признанија на крводарителите. И во време на пандемијата со Ковид-19 непречено се одвиваат крводарителските акции со целосно почитување на протоколите за заштита. Со акциите на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина само минатата година се собрани вкупно 53.133 единици крв, што е повеќе од планираните 52 илјади единици крв. Ви честитам на посветеноста и заложбата да се поттикнат што е можно повеќе крводарители, рече Сали.

Претседателот на Црвениот крст на Северна Македонија, Ромел Велев, истакна дека во текот на пандемијата со Ковид-19, дарителите на крв биле постојано повикувани да продолжат со нивната значајна улога во поткрепа и одржување на нашиот здравствен систем.

И покрај сите тешкотии и несакани последици од пандемијата се потврдува подготвеноста на граѓаните на РСМ да донираат во се поголем број, со што се одржува потребното и целосно ниво на снабдување со крв, нагласи Велев потврдувајќи дека крвта како лек е незаменлива, а со нејзино дарување донорите спасуваат животи.

На одбележувањето на годишнината на Црвен крст беше промовирана кампањата „Првата помош спасува живот“, чија цел е 25 илјади ученици од основни и средни училишта во државата да се оспособат за правилно и навремено пружање на прва помош.

На 16 општински организации на Црвениот крст кои го исполниле планот за крводарувањето во 2021 година им беа врачени признанија.

OhridNews