Измените на законите за плаќање придонеси на хонорарите, кои ги предлага пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, ќе се носат по брза постапка, најверојатно уште во текот на оваа седмица, објави „Телма“.

Координаторот на пратеничката група на владејачката партија, Илија Димовски за телевизијата вели дека постои можност за таа цел да се закаже специјална собраниска седница, со оглед на тоа што, според собраниската агенда, првата наредна треба да се одржи во понеделник. Според него, причина за брзањето е тоа што овие измени засегаат голем број граѓани кои заработуваат хонорари.

Сепак, здруженијата кои бараат целосно укинување на оваа обврска, најавуваат дека ќе продолжат да го искажуваат револтот преку протести, од кои првиот ќе се одржи во петок.

-Ние веќе три месеци наназад молевме за средба и за разговори и никој од надлежните не не ислуша. Измените се подготвуваа во август месец, кога сите беа на одмори, на крајно нетранспарентен начин. На предложените измени гледаме како на потег кој се прави во 5 до 12, со цел само да се амортизира гневот и револтот, вели Дејан Лутовски од здружението „Ленка“.

Авторските агенции, преку кои се врши исплатата на хонорарите, се соочуваат со други проблеми. Велат дека и натаму има голем број нејаснотии околу начинот на кој ќе се пресметуваат придонесите на авторските договори и договори за дело. Исто така, голем број граѓани имаат дилема дали до рокот, кој истекува утре, треба да ги поднесат договорите во Фондот за пензиско осигурување.

Предлогот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ предвидува вработените и пензионерите да плаќаат придонеси само за месечни хонорари кои ја надминуваат просечната плата од 21.300 денари, додека за невработените лица да остане границата од 9.590 денари.

OhridNews

Извор:„Телма“