Измените за државната матура и за Законот за виско образование, коишто предизвикаа незадоволство кај студентите и средношколците се одлага за во септември идната година, најави премиерот Никола Груевски денеска во Дојран.
Премиерот најави дека во наредниот период ќе се разговара со сите заинтересирани страни, за да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации.
Еден ден пред јавниот собир во Паркот на новинари, кој го организира „Средношколски пленум“, премиерот Никола Груевски во Дојран изјави дека измените во Законот за државна матура се одложени за септември 2016 година.
„Одлагањето на државната матура е затоа што од декември се пријавува матурата и имавме прекраток период за промените што сакавме да ги постигнеме, затоа што ни треба во меѓу периодот и дијалог, така што има доволен простор да се вклучат сите заинтересирани страни и да се разговара со сите, да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации за на крај да се донесе најсоодветното решение“, изјави Груевски.
И за Законот за високо образование ќе се слушнат сите мислења за да се дојде до најдобри можни решенија.
Изминатите денови пак од „Средношколскиот пленум“ за во вторник, на првиот ден од учебната година, најавија јавен собир во паркот спроти Министерството за образование на кој се најавени алтернативни предавања и панел дискусии против измените за државната матура.
Студентите и професорите протестираа против измените на Законот за високо образование, односно екстерното тестирање, по што дојде до договор за нов законско решение. По протестите и бојкотот на наставата во средните училишта државната матура се полагаше по стариот концепт.
OhridNews
Извор:„Макфакс“