Интервенција во Кривичниот законик заради употреба на родово сензитивен речник, наспроти родово неутралниот, кој моментално се употребува, вметнување на родовата перспектива, гарантирање дека родовите димензии се земени предвид во дефинирањето на кривичните дела и постапките за спроведување на овој Законик, измени во однос на половиот напад и силувањето, измена со цел дефинирање на психичко насилство, инкриминирање на „демнењето“ и „половото вознемирување“ како нови кривични дела со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите, е предвидено во поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Предлогот, кој беше поднесен во јули оваа година, е ставен на прво читање на претстојната 51-ва седница на Собранието на Република Северна Македонија на 21 септември. Гореспоменатите, потенцијални измени, се поттикнати од ратификацијата на Конвенција на Советот на Европа за борба против насилство врз жените и семејно насилство, таканаречена „Истанбулска конвенција“, во рамки на чие усогласување со домашното законодавство, годинава беше усвоен Законот за спречување и заштита против насилство врз жени и семејно насилство, кој со цел негова целосна имплементација, поттикна измени во многу закони, помеѓу кои и Кривичниот законик.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи од 2018 до 2020 година биле пријавени 2.987 случаи на семејно насилство во кои имало 2.814 сторители мажи и 261 сторители жени. Жртвите, следствено, се 2.551 жени и 643 мажи. Тоа значи дека во просек, годишно 850 жени пријавувале случаи на семејно насилство, додека мажи, 214.
Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во интервју за МИА вели дека овие измени, преку кривична санкција, ќе дадат еден посеопфатен систем на заштита.
Сивата бројка сè уште е на многу високо ниво бидејќи има нерегистрирани случаи на насилство кое што се случува, а жртвите го сметаат за приватна работа, и не го пријавуваат. Како отежителна околност за справувањето, и првично пријавувањето на насилство е фактот што ние сме стереотипно општество каде што има голем број на предрасуди, вели Аврамоска Нушкова.
Во однос на прашањето дали ваквата законска рамка ќе ги поттикне жените жртви на насилство да се охрабрат и имајќи предвид дека се подробно заштитени, да пријават насилство, од Министерство за правда велат дека какви закони и да се направат, ако во реалноста не профункционираат, тие напразно се направени.
Нушкова дополнува дека ако го измениме Кривичниот законик, во кој што треба да се измени и делот на пружање на правилна заштита на жртвата на семејно насилство и општо врз насилство врз жени, ние – да, ќе го инкриминираме дејствието „демнење“, на пример, но, доколку не се најде правилна примена за да биде препознаено, ние повторно ќе го имаме случајот кога една жена била „демнета“ а ниту една од институција не реагирала.
Најпрепознатлив начин на извршување насилство е со физичка сила или закана, а најчести кривични дела се „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. Психичкото насилство е помалку препознаено, но, застапено. Како најмалку препознаено го посочува сексуалното насилство од сегашен, поранешен или интимен партнер, а една од поретките форми кои што се пријавуваат е економското насилство, вели Аврамоска Нушкова.
Во однос на тоа каде ги лоцираме причините за насилство и дали можеби нееднаквоста ги предизвикува истите, Нушкова вели дека нееднаквоста секогаш постоела.
Нас многу често ни се случува да не прашаат каков е профилот на жртва. Профилот на жртва не постои. Имаме профил на насилник кој што го има тоа однесување кое што е исто буквално во сите земји. Жртвата може, независно на која вера и раса припаѓа, и кој ѝ е економскиот статус и степен на образование што го има, буквално, секоја една жена може во определен период од животот да биде жртва на насилство, вели таа.
OhridNews