Правилото за тројца македонски кошаркари во поле на мечевите од Првата лига и Купот на Македонија ќе биде изменато, откако Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) ја прифати иницијативата на Здружението на прволигаши. Новото правило гласи дека двајца кошаркари со македонско потекло ќе мора да бидат на паркетот, а вкупно четири интернационалци се дозволени во записникот.

По иницијативата на Здружението на прволигаши за промена на членот од Регистрацискиот Правилник за минимален број на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар, Кошаркарската федерација на Северна Македонија организира неколку состаноци на кои покрај раководството на КФСМ присуствуваа и членови на Асоцијацијата на кошаркарски играчи и претставници од клубовите кои (ќе) се натпреваруваат во Прва лига мажи.

По одржаните состаноци донесено е конструктивно решение кое ги задоволува интересите на играчите и клубовите и ќе придонесе за понатамошен развој на домашните кошаркари, ќе ги поттикне клубовите интензивно да инвестираат во младинските селекции, а при изборот на странски играчи критериумот за квалитет да биде на високо ниво.

Измената ќе гласи: Клуб од прва лига мажи да има право на пријавување и настап на најмногу 4 (четири) странски играчи во составот на еден натпревар, со настап не помалку од 2 (два) домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, супер лигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале) како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот нема да има ограничување на бројот на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар. – стои во соопштението од македонската куќа на кошарката.

Правилото треба да биде процедурално процесирано низ структурите на КФСМ и ќе има неколкугодишна примена.

OhridNews