Огромен необработен смарагд од 11 илјади карати (2,2 килограми), кој според сопствениците е најголем на светот, бил изложен во Богота за прв пат откога бил изваден пред 12 години во колумбискиот рудник Музо. Сантијаго Сото, претставник на изложбата, рекол дека вредноста на смарагдот е непроценлива. Негов сопственик е компанијата Цексминас.
Непрозирниот смарагд со силна зелена боја е наречен „Фура“, по убава индијанка, која според преданието живеела во крајот каде бил пронајден. Скапоцениот камен се наоѓа во посебна, строго чувана просторија, во која истовремено смее да има најмногу 15 посетители. Дозволено им е да гледаат од оддалеченост од 2 метри, најмногу една до две минути, под контрола на пет стражари. Во саботата смарагдот го виделе 4000 луѓе. Колумбија дава 55 проценти од светското производство на смарагд, а од нивниот извоз годишно заработува околу 200 милиони долари.