Центар за култура „Григор Прличев“

Од 25.07.2022 - 09:00 до 29.07.2022 - 21:00

Изложбата на охридската сликарка Наташа Попоска Карче, „Сликам со тебе приказна од душата“, која беше отворена минатиот викенд во рамки на фестивалот „Охридско лето“, во текот на оваа недела ќе биде достапна за љубителите на ликовната уметност во галеријата при Центарот за култура „Григор Прличев“.

Делата на Попоска Карче ќе бидат изложени во центарот за култура до петок.

Јас го сликам тоа што го чувствувам. Да можев да и свртам грб на секоја моја мисла и секое мое чувство, тогаш не би постоеле ниту овие платна. Сликам со тебе е дел од мојата душа, тоа се оние делови кои се кријат зад превезот на невидливото, рече на отворањето на изложбата Наташа Попоска Карче.

Наташа Попоска Карче по професија е доктор стоматолог, но длабоко во себе уметник кој храбро ги изразува своите своите чувства на сликарското платно. Нејзиниот сликарски ракопис опфаќа широк стилско – естетички дијапазон каде компаративно можат да се проследат различни влијанија.

Почнувајќи од француската барбизонска школа, англиското пејзажно сликарство, преку импресионистичката уметност на Клод Моне, Ками Писаро и Огис Реноар, а во некој творби таа смело се доближува до некои експресионистички решенија преку кои суверено го моделира и создава својот интимен ликовен свет. – вели за уметноста на Попоска Карче историчарот на уметност и византолог Иван Заров.

OhridNews