Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга утре ќе биде отворена изложбата „Ретроспектива“ на струшкиот уметник Даме Затуроски.
Љубителите на уметноста, како што истакна авторот, ќе имаат можност да погледнат педесет уметнички слики изработени во неговата плодна уметничка кариера последните дваесет години.
Дел од неговите творби биле инспирирани токму од родната Струга.
Најмногу ме инспирира мртва природа, но во педесетте уметнички слики има и портрети, дела инспирирани од народни носии и обичаи, а вечна инспирација ми се и Охридското Езеро и мојата родна Струга, истакна Затуроски.
Неговите дела вели дека се изработени во повеќе техники како што се пастел, молив, јаглен, темпера и туш.
Како уметник преферирам класичен реализам, односно се што може да види човечкото око. Стружанец сум и сосема е очекувано инспирација да ми биде родниот град, посебно затоа што природата овде била многу дарежлива. Посетителите на изложбата ќе имаат можност да видат, како сум се развивал како уметник изминативе две децении, иако со уметност се занимавам многу подолго. Сликам уште од основно училиште, вели Затуроски.
Иако по професија е правник нагласува дека уметноста е неговиот живот и создавал по околу сто дела годишно.
Освен со сликање, Затуроски се занимава и со изработка на макети на стари бродови и верски објекти. На изложбата публиката ќе има можност да види и фотографии од макетите по кои е познат во регионот и пошироко.
Даме Затуровски е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1993 година. Зад себе има повеќе 11 самостојни изложби. Учесник е на повеќе групни изложби и ликовни колонии во земјава и странство.
OhridNews
фото. МИА/Архива Даме Затуроски