„Приказни од мојата планета“ е насловена самостојната изложба на Викториа Георгиева од Бугарија, која ќе биде отворена утревечер во „Куќата на Робевци“. Оваа изложба е трета самостојна изложба на оваа уметница, а во Охрид се организира со посредство на Центарот за културен проток „Артерија“.

Според најавите, пред охридските љубители на уметноста ќе бидат изложени шеснаесет уметнички дела, кои Георгиева ги има создадено во последните две години, додека живеела во Шпанија и Бугарија.

-Сликите на Георгиева се полни со фантазии и соништа, со свет населен со чудни суштества и пејсажи. Шеснаесетте платна се шеснаесет приватни фантазии. Дел од критиката за делата на оваа сликарка пишува: „Свежина на идеи и желба да се слика, нешто многу важно во создавање на фантазиите, свет полн со слики како во приказните на Луис Керол-Алиса во земјата на чудата“, стои во најавата за изложбата.

Во моментов Викторија Георгиева живее во Варна, Бугарија, каде што има уметничка работилница за деца „Азбука на имагинацијата“. Ова лето може да се видат некои од нејзините инсталации, цртежи и улична уметност на неколку културни настани во Бугарија. Таа ја има освоено Првата награда на „Painting 7 th National Exhibit Contest Awards Nacho Culture, Gallery -The Red Pony“, во Пловдив Бугарија.

Изложбата во Охрид ќе биде отворена 2 недели.

OhridNews