Утре, 21- ви март со почеток во 12 часот, во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата: „ Дивите билки од мојот крај“ . Организатор на изложбата, што се организира на првиот ден од пролетта е еколошкото друштво „Грашница“ кое е еден од пионерите на еколошкото движење во Македонија.
– Се работи за оригинална, патувачка поставка на цртежи, хербариуми и фотографии изработени од волонтери (деца од основни училишта, планинари и рекреативци, собирачи на диви билки и ентузијасти), сите обединети во проектот: „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“. Овој проект е развиен од страна на Македонското еколошко друштво во соработка со Плантлајф од Велика Британија, и се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта е да се зајакнат капацитетите на локалните организации кои соработуваат со волонтери за заштита на природата, особено во областа на зачувување на растителниот свет и преземање акции кои би придонеле кон имплементација на ЕУ регулативите за зачувување на мрежата Натура 2000, велат од ЕД Грашница.
Посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за дивите билки што често се користат , како и за растенијата кои можат да се најдат во пазувите на Илинска-Плакенска Планина, Баба Сач-Лубен и на Шар Планина.
OhridNews