Во рамки на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, вечерва со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци во Охрид ќе биде отворена изложбата „Светлина од минатото“ на Стефан Хаџи Николов. 

Овој уметник е роден во Скопје во 1955 година. Педагошка академија група ликовно воспитување завршил во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1984 година. До сега има остварено 58 самостојни изложби од кои не само во Македонија туку ширум светот, почнувајќи од 1982 па сè до денеска.

Хаџи Николов учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјата и надвор од неа. Учесник е на повеќе меѓународни ликовни колонии. Од 2002 до 2006 учествувал на Саемот на уметност „Импресија“ во Пловдив, Бугарија.

Добитник е на бројни награди и признанија и тоа во 1987 Откупна награда „Климент Охридски“, во 1989 Специјалната награда за сликарство на Авторската агенција на Македонија Есенска изложба на ДЛУМ, во 1994 Награда „Вангел Коџоман“, во 2002 Специјалната награда на бугарската национална асоцијација „Феномени“, во 2004 Награда „Константин Мазев“ Скопје и многу други признанија.

OhridNews