Во петок, 2-ри мај, во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложба на слики, графики и накит од Ивана Настески и Ивана Стојановска Станковиќ.
Концептот на Настески се базира на графики и слики, односно на ликовни дела создадени во периодот 2012/2014 година.
„Тематиката на моите графики и слики, е опсежна и деликатна сама по себе, но и многу интересна, интригантна па и универзална. Во центарот на самата идеа е всусшност сонцето како соларен симбол и енергија, потоа големата богинка Мајка, вечниот живот, раѓањето, смртта, универзумот воопшто, ѕвездите и сите небески тела како и првите исконски знаци на човековото постоење што ние од денешен агол го нарекуваме едноставно – прва уметност (праисториска уметност).“ – вели Настески.
Стојановска Становиќ ќе ја презентира новата колекција на накит „Сјаење“, во кој најдоминантен предмет е огрлицата како централен украс на женското тело.
„Посветена е на односот боја и нежните нити на филигранот. Истакната е бојата, а не материјалната вредност на каменот без разлика дали е во прашање боено стакло, синтетички или природен камен, тие материјали се присутни само да ја истакната естетската, ликовната вредност на филигранот. Тие само го дополнуваат дизајнот и не се истакнуваат премногу.” – вели Стојановска Станковиќ.
Ивана Настески завршува Факултет за ликовна уметност во 2004 и пост-дипломски студии (оддел графика и графички техники) на истиот факултет пет години подоцна.
Самостојни изложби :Тетово, Скопје,Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград,Шабац и Дрезден (Германија). Групни изложби: Белград, Нови Сад, Шабац, Москва, Патра(Грција), Мајами, Португалија, Кина, Швајцарија, Мексико, Шпанија, како и на бројни меѓународни графички биенални и триенални изложби.
Член е на ДЛУМ (Друштво на Ликовни Уметници на Македонија) од 2009.
Има три награди: „Гран При за графика на Македонија, 2010“, „Откупна награда на град Шабац (Србија) , 2009“ и „Откупна награда на Inaternational Small Graphic Biennial – Tetovo, 2008“.
Ивана Стојановска Станковиќ дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на отсек графика , а 2011 година магистрира на истиот факултет.
Има 5 самостојни и повеќе групни изложби.
OhridNews