Изложба на скулпторот Жарко Башески, насловена „Ecce Homo Macedonicus: Осмо Светско Чудо“ ќе биде отворена на 12 август со почеток во 20:00 часот, во Научниот уметнички центар „Куќа на Уранија“ при МАНУ (Охрид).
Изложбата која ќе трае до 27 август претставува дел од годинешната програма на МАНУ ќе вклучува десетина веќе познати дела на авторот, но и презентација на сосема нов концептуален проект, грандиозен објект во големи димензии, изработен од бронза и челик. Идејата е долги години развивана заедно со проф. Јордан Плевнеш, познат писател од светски рамки и автор на најкраткиот роман во светската историја „Осмото светско чудо”, колевка на цивилизацијата.
Со Жарко Башески, еден од најпознатите македонски скулптори чии дела се наоѓаат во повеќе престижни галерии и светски музеи, речиси две децении водиме разговори за Осмото светско чудо, кое после Светилникот во Александрија би значело обединување на светската „цивилизација на љубовта“, кое би било подигнато на македонската планина Галичица од која се гледаат двете митски езера – Охридското и Преспанското, на планината која растат повеќе илјади ендемски видови на растенија и е единствениот резерват на светот на 1200 ноќни пеперуги, вели Плевнеш.
Во неговиот скулпторски гениј, Жарко Башески прави трансверзала меѓу Фидијас од 5 век пред нашата ера, кој е автор на Третото светско чудо „Зевс на Олимпија“, „Мислителот“ на Огист Роден и „Бескрајниот столб“ на Константин Бранкузи, бидејќи Градителот ќе го гледа Небото на Вселенскиот бескрај, а под него ќе биде Лулката на светот, од која ќе се слушаат 6838 приспивни песни на сите јазици што се говорат на планетата Земја според листата на УНЕСКО и на тој начин Галичица ќе стане Центарот на светскиот сон дека Утопијата за безусловната убавина на сите деца што се раѓаат во идните милениуми ќе ја одбраната визијата на Хорхе Луис Борхес, дека „сѐ исчезнува од Земјата и единственото што е бесмртно е Човештвото!“, истакнува.
Кога Жарко ми спомна дека постои идеја скулптурата да биде поставена на Галичица, меѓу двете македонски езерски очи – Преспа и Охрид, таа скулптура за мене стана уште постварна, вели Венко Андоновски.
Зошто? Затоа што уметничките дела (особено просторните) се полнат и од просторниот контекст во кој ги ставате. Не можете величествено дело да изложите во јавен тоалет, а да не му ја засегнете возвишеноста. На возвишеното возвишен простор му прилега! Претставата за човек кој штотуку „изнурнал“ од земја станува уште попластична (и повистинита, речиси хипер-реалистична), кога тој човек „изнурнува“ од копно, од планина што плови „на две води“. Како глаголот „изнурнува“ да наоѓа потврда токму во водите на двете езера, корењата на таа планина! Да, Ниче го напиша Ecce homo! Ама Жарко го изваја Ecce homo Macedonicus. Измачен, толчен, криен во земјата како најскапоцено семе на новиот, просветлен европски натчовек, никнат на наша, македонска почва, внук на светците и просветителите што китеа лепи слова и како шарени везови од македонски девојчински чеиз им ги подаруваа на тогаш неграмотните, а денес најцивилизирани народи на Европа. На овој самоникнат, борбен, нескршлив човек, дојден кај нас од пред некој миг, како и на секое непознато, можеме само да му се воодушевуваме, да му се поклониме и да се прашаме: што ќе биде понатаму со него?, додава Андоновски.
Проектот „Ecce Homo Macedonicus Осмо Светско Чудо“, во основа ја претставува формата на веќе добро познатата скулптура „Ordinary Man“ на Башески, но овојпат во поинаков материјал. Изборот на материјали за изградба на овој проект, како и конкретната форма на „Ordinary man“, тесно се поврзува со концептот на авторот.
OhridNews