По гостувањето во повеќе светски центри, познатиот охридски фотограф, Атанас Талевски, денеска  ќе се претстави пред скопјани. Во Музејот на град Скопје, вечерва во 19:30ч. ќе биде отворена изложбата на Атанас Талевски „Импресии од Санта Фе – Ново Мексико, САД. Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Олја Като, директор за комуникации во УСАИД , Македонија.

Талевски на фотографската сцена е присутен повеќе од едно десетлетие, и со сигурност може да се каже дека тој е најактивниот македонски уметник на ова културно поле. Неговото творештво опфаќа илјадници фотографии снимени во Европа (Албанија, Грција, Романија, Франција, Германија, Чешка, Финска, Швајцарија…), Азија (Виетнам, Камбоџа, Индија…), Африка (Тунис, Мали, Алжир) и Северна Америка (САД).

Истовремено Талевски со својот фотографски апарат ги овековечува природните убавини и културното наследство на Македонија, како и светот кој е на исчезнување. Како своевиден амбасадор на културата тој ја има претставувано Македонија на бројни самостојни изложби и меѓународни конкурси. Досега има настапувано во Албанија, Словенија, Србија, Чешка, Финска, Франција, Германија, Швајцарија, Русија, САД.

ohridnews