Во музејот „Резонанца“ на познатиот охридски уметник Драган Спасески Охридски, синоќа, беше отворена изложба на акварели на академскиот сликар Наташа Чачиќ, од Белград Србија.

Фото: Емил Јовановиќ

-Изложени се 16 акварели од мојот последен циклус, за кои мотиви црпев од европските градови. Ова е моја прва официјална изложба во Охрид, иако пред едно две децении исто така го посетив Охрид кој тогаш ми беше инспирација за работа за други слики, така што постои некоја врска помеѓу мене и Охрид. – изјави за OhridNews академскиот сликар Наташа Чачиќ.

Чачиќ работи и други техники, пред се иконописи и масло на платно, но најмногу се пронаоѓа во акварелот. Таа вели дека од уметност може да се живее, но уметноста на овие простори се уште не го ужива потребниот статус.

-Некако на јавноста и се сервира уметност на лажичка, кога би имало поголема понуда, луѓето поинаку ќе се ориентираа. Просто е неможно човек да не конзумира вистинска уметност од било кој вид, луѓето се желни за квалитетна уметност, која ја има недоволно. – рече Чачиќ.

Чачиќ е семејство на уметници, истакна на промоцијата Драган Охридски. Сопругот на Наташа се занимава со урамување на уметнички дела, а нивните три деца се музички уметници, подвлече тој. На промоцијата беа прочитани и сегменти од критиката на познатиот историчар на уметност Дејан Ѓориќ.

-Наташа Чачиќ, по успешното штафелајско сликарство ги отвора дверите на акварелот како амалгам на сила и мекост, острина и нежност, суровост на потезите и мекост на обојувањето. Поради искрените намери, а во никој случај изнудени, да ги освои тајните на акварелот како и чистата визуелна поезија, нејзините дела ги препознаваме како блиски, а не само по реалноста на насликаната сцена. За нејзиното дело битни се психологијата и внатрешниот свет, интимата, осаменоста и тишината, кои може да ги препознае секој вистински уметник, а баш тие одлики се повеќе се губат во денешната комерцијализирана и десакрализирана уметност… – вели Дејан Ѓориќ за уметноста на Наташа Чачиќ.

Изложбата на Наташа Чачиќ во музејот „Резонанца“, е вистинско освежување во културниот живот на Охрид ова лето. Таа ќе биде отворена за посетителите и во наредните денови.

Фото галерија:

Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ