Утревечер со почеток во 20 часот во Галерија „Робевци“ ќе биде отворена изложба на германската сликарка Габриеле Шафартцик. Изложбата содржи селекција на слики изработени во техниката масло на платно од нејзиниот најнов циклус наречен Tera Inkognita.

-Латинскиот термин Tera Inkognita се однесува на сликарскиот фокус врз пејзажите кое не се топографски одредени. Тенденцијата на Габриеле е да отиде малку подалеку од репрезентативните одговори со цел да креира нови, помалку или повеќе абстрактни простори во личниот дијалог помеѓу асоцијациите, мемориите, емоциите, цитатите и симболите, боите, линиите, орнаментите и моделите, пишува во најавата за изложбата.

Габриеле Шафартцик е родена 1964 година во Бремен, Германија. Студирала на Универзитетот „Георг-Август“ во Готинген, Германија и на Академијата за Ликовни Уметности во Краков,Полска. Студирала Византиски иконопис во различни ателјеа во Русија, Франција и Австрија. Член е на Германската Федерална Асоцијација на Визуелни Уметници (VVK) како и на GEDOK –Германската Асоцијација на Жени Уметници.

Учествувала на меѓународни лиоковни колонии во повеќе земји како што се Албанија, Босна и Херцеговина, Египет, Индија, Косово, Македонија, Црна Гора и Турција. Нејзини дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции во Германија и надвор од неа.

Изложбата ќе биде достапна за разгледување до 16-ти јуни 2016 година.

OhridNews