63-тото издание на Балканскиот фестивал ќе започне во вторник, 2 јули, со изложба на фотографии насловена „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот и истата ќе биде поставена во галеријата при НУ Центар за култура „Григор Прличев”- Охрид.

Антонио Стојчески е роден на 16 декември 1999 г. во градот Скопје. Тој е млад професионален презентер на Македонската традиционална култура и најмлад колекционер на народни носии во градот Скопје и Р. Македонија. Уште од шест годишна возраст се неговите почетоци и првото запознавање со традиционалната игра во КУД „Никола Јонков Вапцаров” каде што активно членува осум години се до запишувањето во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје во Насоката за традиционална музика и игра, профил- Традициски играч-пејач каде што ја изучуваше традиционалната игра во оригинална форма каква што е најдена преку база на теренски истражувања. Покрај играта, неизбежно е и да се напомене традиционалното пеење. Во наставната програма како уште еден стручен предмет се и народните инструменти од кои свири три инструмента: кавал, гајда и канон.

Моментално е апсолвент на Музичка академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на катедрата за Етнокореологија. Веќе десетта година по ред се занимава со сопствени теренски истражувања во различни делови од Р. Македонија. Преку нив учи за традиционалната игра, песните, обичаите, инструментите и носиите. Се занимава и со собирање, изработка и реставрација на традиционални носии.

Бил член на ансамблите „Македонија“, „Студио Фолклор“ и „Орце Николов“ од Скопје, работел и како уметнички раководител во КУД „Вук Караџич“ – Скопје, КУД „Бранко Чајка“ – Тетово и ФА „Седенка“ – Скопје а активно работи со повеќе ансамби од кои Ансамблот „Студио Фолклор“ – Скопје и КУД „Рацин“ – Кичево, каде што го пренесува своето знаење. Веќе три години Антонио е дел и од професионалниот ансамбл на Македонија, Националната Установа „Танец“, вработен на позиција – играч.

Покрај оваа примарна дејност, се занимава и со фотографија но повторно во својот домен. Фотографира девојки и момци во традиционални носии од својата приватна збирка, исто така Стојчески фотографира настани поврзани со традиционалната игра како што се годишни концерти на културно уметничи друштва, активно преку објективот кога не настапува гиследи Националниот Ансамбл „Танец“ и Академскиот Ансамбл „Македонија“ од Скопје.

OhridNews