„Еден поинаков поглед кон албумот“ е насловена изложбата на Дијана Томиќ Радевска, што ќе биде отворена вечер во музејот „Доктор Никола Незлобински“ во Струга, во организација на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Авторката, која потекнува од Струга, наведува дека изложбата e посветена на нејзиното семејство, а куќата во која е сместен струшкиот музеј, во минатото му припаѓала на дедо ѝ. Во градот на нејзините предци, како што посочува, ќе презентира историско интимно раскажување.
Колекционирањето стари семејни фотографии, аналитично го дополнуваат приказните кои обработуваат едно време, еден народ, една историја. Времето е незапирливо, а испрекинато низ мислите. Фотографиите, дигитално отпечатени, се поставени во јукстапозиција, со графички листови, со цртежи и со видео, како концепт на документ и истражување. Поставувајќи ја оваа изложба интердисциплинарно и „in situ“, користејќи делови од куќата и фасадата на музеј „Доктор Никола Незлобински“, кој припаѓал во минатото на мојот дедо по мајка, Несторови, го заокружувам концептот, вели Томиќ Радевска.
Дијана Томиќ Радевска (1961) е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт-инсталација, арт-видео и дизајнер. Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика. Реализирала бројни групни и самостојни изложби и студиски престои низ светот.
OhridNews