Во организација на НУ- Центар за култура “Браќа Миладиновци”- Струга и НУ- Музеј “Д-р Никола Незлобински”- Струга, денеска ќе биде отворена изложба на фотографии од Анастас Ќушкоски.

Изложбата насловена како Старата архитектура на Дримкол” ќе биде отворена во фоајето на Центарот за култура во Струга.

Оваа изложба за старата архитектура на дримколскиот крај е само еден сегмент од големото фотографско милје на Ќушкоски. Во неговите фотографии покрај емоции има и длабока порака за зачувување на архитектонските вредноси на Дримкол.

Анастас Ќушкоски низ објективот на филмската камера и филмскиот апарат прикажува интересни фотографии при што го привлекува вниманието на гледачот да се запознае со традициите низ минатото во овој дел од струшкиот крај.

Анастас Ќушкоски е роден 1942 год. во Вевчани- Струшко, а завршил економски факултет во Прилеп. Како надарен автор на разновидни и различни уметнички полиња, тој креирал маркантни уметнички дела од областа на книжевноста, документарните филмови, во уметничката фотографија и истражил заблежителни научни факти на полето на уметноста, историјата и во други науки значајни за општеството.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото за наука, уметност и култура од Битола и Струга, како и член на Центарот за карпеста уметност на Македонија. Денес живее и работи во Вевчани.

Ohridnews