Во Културно – информативниот центар „Култура 365“ на ул. „Цар Самоил“ бр.34 во Охрид, утре, во 13 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии од Атанас Талевски. Во чест и спомен на починатиот уметник во галеријата при КИЦ „Култура 365“ ќе бидат изложени триесетина фотографии во две различни големини, со мотиви од различни земји во кои престојувал Талевски.

Атанас Талевски (1954 – 2008) е роден во Велес, но последните 18 години од животот ги помина во Охрид. Долго време престојувал во Германија, а како фотограф работел и во Виетнам. Престојувал и во други земји на Европа и Азија. Зад себе има десетици изложби, а илјадници негови фотографии красат ѕидови на бројни домови и институции ширум светот.

Со оваа изложба започнува зимската сезона на културни настани во Културно – информативниот центар „Култура 365“.

Изложбата ќе биде отворена до 10 декември, секој ден од 10 до 15 часот. 

OhridNews